Сесрдното залагање на Нансен Дијалог Центар – Скопје и на Канцеларијата на високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ за подобро разбирање на македонскиот, албанскиот, српскиот или турскиот народ, а по успешно направениот двонасочен македонско – албански и албанско – македонски разговорник, продолжува и со реализацијата на овој четиринасочен разговорник.
Учењето на јазикот на другарката/другарот од училиште, на сосетката/соседот од маалото, или на колешката/колегата, е веќе поедноставно, поинтересно и на чекор до Вас! Со електронски пристап преку компјутер или на мобилен телефон, Ви обезбедуваме лесно и брзо совладување на основните изрази за конверзација што се користат во секојдневното живеење во дваесет и првиот век.
Во овој разговорник се прикажани ситуации што се можни, а што ние ги осмисливме за Вас, со интересни дијалози и со конкретни ликови, кои живеат, учат и работат во оваа средина. За секоја конкретна ситуација има и избрани едноставни делови од граматиката на сите четири јазика што можете да ги научите, избран фонд на потребни зборови за дадената ситуација и поговорка со исто значење на секој од четирите јазици (со иста или различна форма). Изразите што ги користиме се во согласност со учтивото обраќање и изразување на овие четири јазици, но користиме и едноставни секојдневни изрази, кои ја отсликуваат реалната ситуација во комуникацијата, а не претставуваат вештачки шаблон.