Почитувани наставници, практичари и познавачи на воспитно – образовната сферa,
интегрираните воннаставни активности коишто се реализираат според Нансен моделот за интегрирано образование, се конципирани како разновидни и богати содржини тесно интегрирани со содржините од формален и задолжителен карактер. Нивната посебност произлегува од двојазичниот пристап, секојдневно присутен при нивното изведување со учениците од различни етнички заедници. Покрај двојазичната компонента, воннаставните активности се одликуваат и со нагласена игривост, како и индивидуализиран пристап во согласност со способностите, предзнаењата и талентите на учениците. Континуирано се негува и позитивна социо – емоционална клима во групата со хетероген етнички состав, како и конструктивно тимско и тандемско соработување меѓу сите ученици. Двојазичните воннаставни активности, според Нансен модел за интегрирано образование се стремат кон тоа да ја понесат карактеристиката на стимулирачки, мотивирачки и поттикнувачки игровни содржини, конципирани и организирани во различни секции, низ целото основно и средно образование.
Во учебната 2015/2016 година беа реализирани мноштво разновидни, оригинални и дидактички богати воннаставни содржини, базирани на Годишните програми за работа за воннаставни активности на НДЦ Скопје. Сметавме дека истите се одличен пример на добри практики и полезни искуства коишто се добредојдени за претставниците на воспитно – образовниот кадар во Р.М.
Наставничките тандеми: Радица Ацевска и Мирсада Идризи (од ООУ Лирија, Тетово), како и Нагихан Снопче и Габриела Мерџаноска (од ООУ Гоце Делчев, Гостивар), ја извршија селекцијата на дваесет модели на успешно реализирани воннаставни активности со нивите групи на ученици.
Наставничкиот тандем од ООУ Лирија, Тетово преку секцијата Мали истражувачи, наменета за ученици од трето одделение, низ различни програмски активности континуирано и посветено ја поттикнуваше љубопитноста кај учениците за проучување на различни природни појави и процеси во непосредното опкружување. Учениците имаа можност да ги збогатат и продлабочат своите предзнаења и информации како за живиот и неживиот свет. Секцијата Образование за мир и толеранција, реализирана со ученици од четврто одделение, од страна на наставничкиот тандем од ООУ Гоце Делчев, Гостивар овозможи проширување на предзнаења за државите во нашето непосредно опкружување, така и за земјите - членки на Европската Унија. Во рамките на оваа секција промовирано е и културното и историското богатство и посебностите на Р. Македонија како матична татковина. Силен акцент беше ставен и врз промовирањето на детските права како дел од човековите права, како и во насока на надминувањето на потенцијално присутните предрасуди и стереотипи кај учениците. Искрено се надеваме дека избраните примери на планирања, ќе бидат корисен дидактички извор, кој ќе поттикне и иницира нови оригинални приоди во процес на осмислување, организирање и имплементирање на интегрираните активности од воннаставен карактер во иднина.
Напомена: Фотографиите коишто се користени за потребите на овој прирачник, се резултат на реализирaните модел воннаставни активности.