Креирањето на овој мал водич низ интеркултурни предизвици беше поттикнато и произлезе како резултат на желбата да се надминат многубројни дилеми, а понекогаш и погрешни перцепции за интеркултурните аспекти на воспитно-образовниот процес.
Би сакале овој прирачник да биде лесен, јасен и едноставен компас во училиштата и училниците при соочување со секојдневни, чести прашања со интеркултурен предзнак.
Интеркултурното образование се стреми кон континуирана поддршка на богатството на разновидности во речиси сите сфери на човековото живеење. Тоа е образование фокусирано врз промоцијата на еднакви можности, човекови права, недискриминација, емпатија, прифаќање и почитување.
Токму затоа интеркултурното образование им е потребно на сите деца и ученици, независно од возраста.
Освен тоа, интеркултурното образование треба да биде природно вградена компонента во секојдневниот воспитно-образовен процес, независно од етничката и јазичната структура на учениците и на наставниците во едно училиште.
Интеркултурното образование не се занимава само со етнички, расни и јазични различности, туку треба да влијае и врз градењето на свесноста кај учениците за различностите присутни во повеќе сфери на секојдневното живеење (како на пример, социјален статус, пол, возраст, професија, семејно потекло, стил на учење, начин на исхрана, физички изглед и сл.).
Оттука јасно произлегува дека овој вид на образование не може да подразбира воведување на посебен наставен предмет, туку треба да биде одраз на кроскурикуларен пристап, исто како што треба да биде елемент и на формален, но и на „скриен” курикулум.
Искрено се надеваме дека овој материјал ќе послужи како поддршка на наставниците, стручните соработници, родителите, но и заинтересираните поединци во развивањето на инклузивна и топла атмосфера во училниците, со цел секој да се чувствува добредојдено, препознаено и прифатено!